Цементарница УСЈЕ со програма за развој на стручни кадри преку практична обука

Цементарница УСЈЕ започна со реализацијата на проект за практична обука на учениците од техничките средни училишта од машинска и електро струка, лоцирани на територијата на градот Скопје. Оваа иницијатива на Цементарница УСЈЕ за овој проект беше поддржана и од Министерството за образование и наука на РМ и Центарот за стручно образование и обука на РМ.

   

Во рамките на проектот се опфатени 65 ученици од IV-та година од средните училишта „Михајло Пупин“, „Владо Тасевски“, и „8-ми септември“ кои во наредните два месеци, во групи од по 15 учесници, два дена во седмицата ќе посетуваат практична настава во индустрија. За реализацијата на обуката ќе биде одговорен тим од стручни лица од компанијата, како и професорите од училиштата, а таа ќе се одвива во машинската и електро работилницата и погоните на Цементарница УСЈЕ.

Главната цел на практичната обука на средношколците е стекнување нови стручни знаења и вештини преку поврзување на теоријата со практичната работа во непосредната работна средина во индустриски капацитети.

- Развојот на секое просперитетно општествено се темели на стручни млади луѓе кои располагаат со специјализирано знаење, вештини и висок степен на работна етика. Но, обврската за создавање на ваков кадар не може да биде оставена само на образовниот систем и училиштата. Компаниите треба да го преземат својот дел од товарот. Преку реализацијата на овој проект за практична обука ние, во Цементарница УСЈЕ, покажуваме дека сме посветени кон остварување на мисијата за создавање поширока база на технички кадар кој е неопходен, но за жал станува се подефицитарен во Република Македонија, изјави Борис Хрисафов, главен извршен директор на Цементарница УСЈЕ АД Скопје, по повод почетокот на реализацијата на проектот.

   

На првиот ден од реализацијата на програмата, сите ученици мораа детално да се запознаат и да ги применуваат мерките за безбедност и здравје при работа, на кои во Цементарница УСЈЕ им се дава посебно значење.

Обуката и стекнувањето на специјализирани работни знаења и вештини кај младите е една од практиките кои на различни начини се спроведуваат во Цементарница УСЈЕ подолг временски период. Таа е составен дел од стратегијата за корпоративна општествена одговорност на компанијата, која е во согласност со Глобалната Иницијатива на Обединетите Нации за општествена одговорност – Global Compact во која членува УСЈЕ.

Галерија: