РЕАКЦИЈА НА УСЈЕ НА НАПИСОТ НА ДНЕВНИОТ ВЕСНИК ВЕЧЕР ОБЈАВЕН НА 27.11.2017 г.

27.11.2017


Во врска со написот објавен во дневниот весник Вечер на 27.11.2017 година со наслов – „Скопје се гуши, болниците се полнат, загаденоста урива рекорди“, во интерес на правилно и точно информирање на читателите сакаме да информираме дека:

Цементарница УСЈЕ работи по највисоките стандарди во областа на животната средина. Компанијата има Интегрирана еколошка А дозвола и согласно одредбите од истата во работењето на компанијата се применуваат најсовремените технолошки пракси од областа. Истовремено, работењето на компанијата се следи со независен мониторинг 24 часа, 7 дена во неделата, а податоците од мерењата ги имаат на увид сите релевантни институции. Сите податоци во континуитет покажуваат дека УСЈЕ не само што не ги поминува законски дозволените граници, туку со своето работење е далеку под дозволениот лимит.

Податоците од мерењата можат да се најдат и на Интернет страницата на компанијата www.usje.com.mk, како и во Министерството за животна средина и просторно планирање. Испарувањето што во текстот е означено како „облак од чад“ всушност е водена пареа, коjа при пониски темератури е видлива со „голо око“, заради што најчесто настанува погрешна перцепција кај јавноста и тоа само во зимскиот период. Имено, во текот на летниот период, кога УСЈЕ работи со многу поголем интензитет, концентрацијата на ПМ честичките во градот е многу пониска, што e дополнителен аргумент дека нивното зголемување или намалување не е директно поврзано со работењето на УСЈЕ.

Дополнително компанијата во континуитет инвестира во модернизација и сите операции се одвиваат согласно најмодерната технологија која е во согласност со високите стандарди за заштита на животната средина. Како транспарентна компанија ги повикуваме сите заинтересирани страни да ја посетат компанијата и дополнително да се информираат за нејзиното работење. Посетата може да се пријави на Интернет страницата на Усје, за што компанијата организира редовни „Отворени денови“. Би сакале да ја искористиме оваа прилика и да ги охрабриме вашите читатели да се пријават и директно преку вашата редакција и заедно со вас да нé посетат во било кое време.